Бугарскиот историчар и соработник на Бугарската академија на науките Димитар Атанасов во интервју за австралиското радио на македонски јазик вели дека Бугарија треба да престане со национализмот од 1878 година.
Според него се знае и не треба да се крие дека Бугарија во март 1941 година потпиша договор со Германија и одговорна е за холокаустот во Македонија и Тракија и дека Бугарија треба да се извини за тој чин, за депортацијата на Евреите во Треблинка,
Како што и претходно има изјавено за него воопшто не е спорно тоа дека постои македонски јазик, македонски народ кој не е творба на Тито од 1945 година.
Македонците се Македонци и точка, вели Атанасов.
Според него тоа што бугарската политика не го разбира е дека секој може да се определи како сака.
Додава дека оваа тензија меѓу Македонија и Бугарија најмногу и одговара на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД на Каракачанов која прави се да го одржува конфликтот.
„Тоа за нив е најсилната карта. Националистите од двете страни на границата си прават услуги. Им одговара оваа антибугарска или антимакедонска политика. Народите не се караат, се караат политичките лидери кои го потхрануваат конфликтот. Па видете кои се членови на бугарскиот дел од историската комисија – Наум Кајчев е од бугарското ВМРО, Ангел Димитров е длабоко поврзан со бугарскиот национализам, таму има луѓе на Божидар Димитров… Бугарската комисија е дадена на концесија на ВМРО. Лошото е што бугарскиот претседател Румен Радев ја зазема истата позиција заради московската врска, рече тој.
Истакна дека историчарите се на една крајно ретроградна позиција.
– Тоа не е европска позиција. Во француско-германската и германско-полската комисија Германците ја признаа грешката. Бугарија била соработник на Третиот рајх и тука треба да се стави точка. Режимот бил профашистички. Бугарија е соучесник во протерувањето на Евреите во Македонија. Депортацијата е извршена со потписи на виши бугарски чиновници. Тоа е неспорно. Така треба и бугарската и македонската страна да кажат, ајде да си ги признаеме грешките и тоа да биде почетната позиција. И Македонците треба да признаат за убиствата на Бугарите за време на титова Југославија. Вината треба да се признае и да се ослободиме од неа. Не треба да се извини бугарскиот народ, македонскиот народ, туку треба да се извинат македонските и бугарските институции. Така како што дејствуваат комисиите меѓу Германија и Франција и Германија и Полска. Тие комисии работат веќе десетици години. Работата на тие комисии прераснаа во работа на големи проекти, рече Атанасов.
За Гоце Делчев бугарскиот академик вели дека тој се изјаснувал како Бугарин, но се борел за независна македонска држава.
Делчев не дава право на бугарската интерпретација за тоа дека се борел за македонска држава како дел од бугарска држава. Тоа што се изјаснил за Бугарин не значи дека не се борел за таа кауза и тука нема ништо драматично. Тој сметал дека таа кауза е историски перспективна и еве денес македонската држава суштествува, вели академикот и додава дека за жал бугарската политичка класа денес демонстрира зависност од таа националистичка инерција.