Бугарската железница објави тендер за пругата до Македонија

од Вести365.МК Ј.Р.

Споровите меѓу Бугарија и Северна Македонија околу изградбата на стратешкиот Коридор 8, кој треба да ги поврзе Црното и Јадранското Море, се чини ќе се надминат со помош на Европската комисија, пишуваат бугарски медиуми.

Бугарската Национална компанија „Железничка инфраструктура“ (НКЖИ) вчера објави јавна набавка за 2,4 километри од Ѓуешево до границата со Северна Македонија и за реконструкција на железничката делница од Радомир до Перник во вкупна вредност од над 576 милиони лева. Рокот за завршување на изградбата е 2029 година, соопшти Министерството за транспорт и врски, а пренесуваат бугарските медиуми.

За изградбата на двата инфраструктурни објекти ќе се смета на европско финансирање. Последните 2,4 километри на бугарска територија се предвидени за финансирање во рамките на програмата „Транспортна поврзаност“ 2020 – 2027 година. Реконструкцијата на делницата Радомир – Перник првично беше предвидена за финансирање во истата програма, но изненадувачки во март бугарската влада тоа го извади од проектот.

По ова следеше ескалација на напнатоста меѓу Софија и Скопје. Пред десетина дена на средба во Брисел, двете страни пред Европската комисија ја потврдија својата заложба за завршување на европскиот Коридор 8.

Последните 2,4 км за 50 милиони евра

Јавната набавка за последните 2,4 км од железничката станица во Ѓуешево до границата со Северна Македонија е со проценета вредност од 114 милиони лева без ДДВ.
Набавката е за проектирање и изградба на 2,4 км железничка пруга, како и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, која станува гранична патничка и товарна станица за Шенген.

Рокот за поднесување на понудите е заклучно со 5 септември.

Последните 420 метри од трасата се одвоени како посебна позиција во тендерот, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на изградбата на прекуграничниот тунел. Само така нема да се попречи работата на тешката механизација, користена за тунелските работи, посочуваат од Министерството за транспорт.
Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на посочените 420 метри.

Реконструкција на 17 км железничка пруга Перник – Радомир 

Втората јавна набавка е за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир со проценета вредност од 462 милиони лева. Тендерот е исто така за проектирање и изградба.

Проектот вклучува изградба на двојна железничка пруга за брзина од 160 км/ч, реконструкција на станици и постојки долж трасата и отстранување на сите премини на исто ниво со автомобилскиот сообраќај и пешаците за поголема безбедност. Рокот за завршување е до средината на 2029 година.

ЕК посредува за решавање на спорот

На крајот на јуни, на средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, вицепремиерот Гроздан Караџов изјави дека уште во јули ќе започне изградбата на железничката врска на бугарска територија која што недостасува. Двајцата се договорија да го забрзаат потпишувањето на договор за заедничка изградба на тунелот.

Пред неколку дена, бугарската страна доби одговор од Северна Македонија за предлог-договорот од јануари годинава.

Бугарската страна нема приговор за испратените уредувачки поправки од страна на Северна Македонија и ќе предложи договарање на датум за потпишување на документот, се вели во соопштението на бугарското Министерство за транспорт.

На 18 јули во Брисел, Бугарија и Северна Македонија го потврдија својот ангажман за финализирање на железничките делници од Коридорот 8 кои што недостасуваат. Средбата беше организирана од Генералниот директорат „Проширување и источно соседство“ при Европската комисија.

Бугарската страна претстави патоказ за завршување на железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, при што беа одредени клучни фази, вклучително и повторно започнување од страна на Северна Македонија на тендерот за градежни работи во делницата меѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.

Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево (Бугарија) и Деве Баир (Северна Македонија), двете страни се договорија да формираат работни групи, кои до крајот на јули треба да го финализираат текстот на меѓувладината спогодба, предложена од Бугарија на 15 јануари 2025 година.

Се очекува потпишувањето на Спогодбата да се случи оваа есен, со што би се отворил патот за започнување на градежните работи, додаваат од бугарското Министерство за транспорт.

За време на средбата, двете страни се обврзаа да ги проучат најсоодветните можности за аплицирање за финансирање од ЕУ или други финансиски институции за заедничката изградба на тунелот.

Слични објави