Британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, категорично ги демантираше шпекулациите пласирани од медиуми дека со новото стратешко партнерство со Обединетото Кралство Македонија ќе прифаќа мигранти. На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, Лосон нагласи дека договорот се однесува на безбедносна и полициска соработка, а не на трансфер на луѓе.
Амбасадорот истакна дека партнерството со Македонија е дел од поширок европски безбедносен механизам. Тој опфаќа размена на информации, координација на полициските служби и борба против организираниот криминал.
„Драго ми е што земјата се согласи на оваа соработка, но тоа се однесува на полициската соработка меѓу агенциите. Ова го правиме и со повеќе европски земји. Не се работи за тоа дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија,“ изјави Лосон.
Со јасна и прецизна реторика, Лосон ги отфрли сите „лажни наративи“ и објасни дека фокусот на партнерството е во насока на создавање побезбедно општество, со засилени институционални капацитети за справување со транснационален криминал.