Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, од денеска ќе престојуваат во посета на Северна Македонија. Борел и Вархеји денеска и утре ќе имаат средби со највисоките државни претставници. Борел денеска треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, а утре ќе претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјава, каде Северна Македонија ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а претставник на Европската комисија ќе биде комесарот Оливер Вархеји. Во 11:30 часот по седницата на Советот ќе следи заедничка прес-конференција. За време на посетата, Борел ќе оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, претседателот на Собранието, потпретседателите, координаторите на политичките партии, како и со претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисија за европски прашања на Собранието на Северна Македонија.
На крајот од посетата на 18 март, Борел во Охрид ќе организира средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, на која ќе присуствува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.
Европските претставници вчера и денеска беа во Тирана и се сретнаа со премиерот на Албанија, Еди Рама. По состанокот се одржа дванаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу Албанија и Европската комисија, првиот со кој претседава Албанија во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.