Битиќи: Ако трговците и производителите сами не реагираат, ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните

од Вести365.МК Ј.Р.

Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи дали е послушана одлуката на Владата за намалување на цената на млекото и млечните производи во продавниците која треба да се применува од 16 март.

Битиќи рече дека анализата на движењата на пазарот покажува дека со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи затоа што, рече, очигледно справувањето со економската криза и кризата со храна во цела Европа беше успешна операција и резултатите се веќе видливи.

Прашан дали ќе има намалување т.е. замрзнување на цените и на други прехранбени производи кои не спаѓаат во основни, како на пример зеленчукот и овошјето, тој порача дека и нашите трговци и производители ќе треба да ги следат тековите во светот.

– Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните, истакна Битиќи одговарајќи на новинарски прашања пред трибината со млади „Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.

Дали и какви санкции би имало за тие што нема да ги намалат цените, тој одговори дека замрзнувањето на цената е доволно како мерка и е и најтешка одлука за нив.

-Во пазарна економија мора да има морал и етика. Ако тие тоа не го спроведат, тогаш Владата ќе ги спроведе мерките што треба да бидат преземени – замрзнување на цените, што е најтешката можна одлука за еден произведувач или трговец. Но, според сите пресметки, не сме нанеле штета со замрзнување на цените, рече вицепремиерот за економски прашања.

Слични објави