По пропадната еврообврзница, Владата откако го комплетираше составот сега може да издаде нова.
„Кога веќе имаме комплетиран состав на Владата, како што веќе најавив јавно, подготвени сме на повторно издавање еврообврзница со тие услови што ќе важат на пазарот, но со најсоодветна процедура“,
рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими на панелот „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“ во рамки на Економскиот форум – Скопје.
Тој верува дека тоа што има кредибилни економски политики овозможува да има соодветни инвестиции во нашите еврообврзници.
„Кредибилноста на политиките дава простор повторно да има соодветна побарувачка за нашите хартии од вредност, односно инвестиции во нашите еврообврзници за кои фискалниот простор е детерминиран. Вкупно 480 милиони евра треба да имаме во првата половина од годината за да ги реализираме овие исплати, а според сите информации и комуникации со инвеститорите, имаме добра позиција на пазарот тоа да го обезбедиме“,
напомена министерот.
За новата еврообврзница ќе се чека новиот министер за правда, Тупанчески не ја потпишал пред да замине
Претходната еврообврзница која требаше да значи 600 милиони евра задолжување за државата пропадна бидејќи недостасуваше потпис од министерот за правда.
Еврообврзницата во Министерството стигна за потпис на 15 февруари односно пет дена откако претходниот министер Никола Тупанчески си поднесе оставка. На местото на Тупанчески дојде Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кој заедно со тројца други министри беа избрани во Собранието пред два дена (27 февруари), а вчера и свечено ги презедоа функциите.