Половина час докторите се обидувале да го реанимираат деветмесечното бебе со туберкулоза, но нивните напори не успеале. Вчера попладне му се влошила состојбата откако осум дена воопшто не реагирало на терапијата, веројатно поради напреднатата фаза на болеста кога е донесено на клиниката.
Докторката вели дека не може да се каже дали детето можело да се спаси доколку било третирано порано, но на оваа клиника е донесено во многу тешка состојба. Инфекцијата не била дијагностицирана во рана фаза, иако имало податок дека и мајката боледува од оваа болест и неколку месеци се лекувала на Институтот за белодробни заболувања.
Таткото негираше дека неговото бебе, кое беше донесено во болница со само три килограми тежина било запоставено и неухрането, како што првично се пишуваше во јавноста, туку било предвреме родено. Проверки направиле и социјалните служби во Куманово и констатирале дека нема пропусти во негата и грижата за бебето.
Со потпис од таткото, членовите на семејството кои превентивно беа задржани во Институтот во Козле, вчера ја напуштиле болницата откако дознале за смртта на бебето. Според директорката на одделот за туберкулоза, тие се во добра општа состојба, со уреден белодробен наод, но треба да се вратат утре на доследување затоа што сите четворица се инфицирани, иако немаат симптоми на болеста.