Од февруари 2024 повеќе нема да важат личните документи кои ја немаат новата ознака на државата „Северна“ или „НМК“, па доколку ја немате заменето личната карта, возачката дозвола или пасошот ќе мора да почекате бидејќи првиот слободен термин во Скопје, според МВР, е при крајот на октомври. За разлика од скопјани, жителите од другите градови имаат среќа да добијат термин и во август.
Но, не е проблем само терминот. Граѓаните се жалат и на телефонските линии кои функционираат, но на повиците никој не одговара. Поради тоа ќе ви биде потребно поголемо трпение и повеќе јавувања за да може да добиете некој од операторите.
Вработените во кол центарот задолжени за закажување термини се жалат и на условите за работа, дека платите, иако ниски константно доцнат, а поради малиот број на вработени и годишните одмори не можат да постигнат и да ги услужат сите граѓани кои треба да ги променат своите лични документи.
За да се закаже онлајн термин за пасош, лична карта или возачка, може да се користи сајтот за e-Услуги (https://uslugi.gov.mk ), иако оние кои закажале преку овој сајт реагираат дека кога се појавиле на дадениот термин биле вратени бидејќи ги немало во систем. Друга варијанта за да се закаже онлајн термин е сајтот на МВР, иако граѓаните се жалат и велат дека е „намерно создаден за да не им заврши работа на граѓаните“.
„Системот не само што не функционира туку е неверојатно погрешно направен, небаре сами побарале да им направат систем кој намерно е создаден за да не им заврши работа на граѓаните. Не можеш да одбереш пакет на документи одеднаш, на пример не можам да одберам дека сакам промена на сите три документи што е секако моменталната потреба на секој од нас. Мораш за секој документ посебно да закажуваш.
Второ, треба да погодуваш кој термин е слободен, зашто системот не ти покажува слободни термини во наредниот период, туку едноставно како игра на среќа одбираш датуми, за после да ти излезе едно прозорче дека нема слободни термини во тој ден, во тој час. Па пак одново и така во круг.
Трето, кога конечно ќе помислиш дека решението е да одбереш термин во ноември, тогаш ти излегува прозорец дека можеш да закажеш термин само во наредните 60 работни дена“, реагира скопјанка на социјалните мрежи.
Од МВР за „Слободен печат“ информираат дека нема застој во работата, но неминовната замена на личните документи ја зголеми работата на службата на МВР која секогаш е напрегната за време на летниот период.
„Според податоците добиени од економскиот оператор кој што за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, за аплицирање за лични документи во Скопје првиот слободен термин е во октомври.“