Ахмети од Шуто Оризари: Ако се допре албанскиот јазик, сите ќе бидат на нозе

од Вести365.МК | М.Т.

Демократската унија за интеграција синоќа продолжи со средбите со граѓаните, при што лидерот на интегративците Али Ахмети се сретнал со граѓаните и симпатизерите на оваа партија во скопско Шуто Оризари. Оттаму, Ахмети упатил порака до актуелната власт дека „доколку се допре албанскиот јазик, сите Албанци ќе бидат на нозе“.

Од ДУИ велат дека собирите на партијата и Ахмети се дел од серија средби кои ДУИ ги започна и ќе ги продолжи и во наредниот период.

„Вечерва на средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, Балансерот и рушењето на сите достигнувања на Албанците пред очиите на прекршителите на волјата на Албанците – ВЛЕН. Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерира уништување на постигнатото со многу жртви“, информираа од партијата од Мала Речица за синоќешната средба со граѓани.

Иако претходниот период од ДУИ најавуваа дека се можни организирани протести, сепак партијата одлучи да оствари средби. Неодамна премиерот Христијан Мицкоски рече дека обиди за дестабилизација има и ќе има, но порачува дека Владата е подготвена да ги пресретне. Како мотиватор на такви случувања, тој ги посочува челниците на ДУИ, кои според него грчевито се борат на национална тема да мобилизираат луѓе за протести, по можност, како што вели, насилни. Но, тоа според него е прочитано од граѓаните, кои се свесни дека целта на ДУИ е да се заштити од криминалите.

Слични објави