Американскиот амбасадор во Пекинг: Кина да ја принуди Русија да ја прекине војната во Украина

Американскиот амбасадор во Кина Николас Барнс изјави денеска дека Пекинг треба да изврши притисок врз Русија да ја прекине војната во Украина.

„Она што треба да го видиме од Кина е да изврши притисок врз Русија да ги повлече своите трупи, за да може Украина да ја врати целата своја територија и повторно да биде целосно суверена, во секоја смисла на зборот“, рече Барнс на собирот на тинк-тенкот Стимсон Центар, пренесува CNN.

Тој додаде дека би било корисно „ако Кина ја принуди Русија да престане да ги бомбардира украинските училишта, болници и станбени згради“.

Брнс изјави дека во последните два месеци имало „огромна загуба на човечки животи“ поради руските воздушни напади.

Американскиот амбасадор во Кина рече дека разговорот меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и украинскиот претседател Володимир Зеленски бил „добар прв чекор“, но дека не е јасно што ќе излезе од тоа.

„Би сакале Кина да биде многу поцврста кога ги советува Русите. Би сакале да видиме акција за завршување на војната, што е можно побрзо. Се разбира, под услови што може да ги прифати украинската влада“, рече Барнс.

 Тој додаде дека Вашингтон со месеци „многу внимателно“ го следи прашањето за испраќање кинеска воена помош за Русија.

 „Не видовме докази дека Кинезите го прават тоа, но продолжуваме да го разгледуваме“, заклучил Барнс.

Слични објави