Во период кога ДУИ се соочува со внатрешен бунт од т.н. „огнена група“, која е незадоволна од кадрите во извршната власт, партијата вечерва го започна долгонајавуваниот митинг во скопската општина Чаир.
Кратко по 19 часот партискиот лидер Али Ахмети пристигна во спортската сала „Шабан Трстена“ која е полна со партиски поддржувачи, а дел од нив го следат настанот и преку пренос пред салата.
Ахмети на собирот дојде во друштво на претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во прв ред со него се движеа и првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи – двајцата функционери кон кои „огнените“ изразуваа најголем револт.
Во салата, покрај Ахмети можеше да се забележи и пратеникот и координатор на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми.