Австриската влада денеска одлучи да му помогне на секое домаќинство со 200 евра да ги плати станбените трошоци кои вртоглаво растат. Новото зголемување на кириите ќе стапи на сила од 1 април, ја информираа јавноста на денешната прес-конференција министерот за здравство и социјална заштита Јоханес Рауч од Партијата на зелените и шефот на пратеничката група на Народната партија (ÖVP) во австрискиот парламент, Аугуст Ворингер.
Презентирајќи го новиот пакет мерки на Владата за ублажување на трошоците за домување, Рауч и Ворингер рекоа дека Владата ќе издвои 250 милиони евра, кои секое домаќинство ќе ги добие во форма на еднократна парична помош на својата банкарска сметка. За наведениот бонус, како што беше речено, секое домаќинство мора да поднесе официјално барање, за да биде евидентирано во платниот систем.
Од вкупно 250 милиони евра, Владата одвои 25 милиони евра за помош на лицата на кои им се заканува или ќе им се заканува иселување. Со распределбата на бонусот за домување ќе управуваат девет австриски провинции, секоја сама. Покраините, исто така, ќе го одредат лимитот на приход по домаќинство кое има право на исплата. Се проценува дека околу еден милион австриски домаќинства ќе добијат помош.