По замрзнувањето на цените на лебот, тестенините и млечните производи, Владата утре ќе одлучи да ги замрзне цените на јајцата и оризот, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Според него се разгледува предлог цената на овие два прехранбени производи да се замрзне на една од дневните цени која била во текот на март. Одлуката би стапила на сила по објавата во Службениот весник.
„Утре на седница на Владата ќе се замрзне цената на оризот и јајцата согласно цените кои биле претходно во текот на овој месец. Во делот на шеќерот и брашното веќе имаме намалување, согласно податоците на Царинската управа во делот на увозните цени и цените за производство. Затоа таму нема да преземеме никакви мерки зошто очекуваме цените во наредните денови сами да паѓаат. Во случај тоа да не се направи од страна на трговците, кон крајот на оваа недела или почетокот на идната ќе следат дополнителни одлуки и за цената на шеќерот и брашното“, рече Бектеши.
И покрај тоа што се очекува раст на побарувачката пред Велигденските празници, министерот тврди дека освен што нема да биде дозволен раст на цената на јајцата, нема да има ни недостаток на овој производ на македонскиот пазар.
„Во делот на јајцата, моментално се зголемува извозот од Република Северна Македонија кон другите држави, со поголеми цени од постоечките кои ги имаме на домашниот пазар. За да ги задржиме постоечките цени, а извозот да биде согласно тоа што било и претходно, ние утре нема да донесеме само одлука за замрзнување на цената, туку и ќе ограничиме доволно производство за потребите на домашниот пазар. Што значи дека процентуално ќе ограничиме колку од производството може да излезе надвор од земјава“, нагласи Бектеши.
На прашање дали Министерството и Владата размислуваат за замрзнување на цените на месото, министерот нагласи дека дел од домашните компании почнале да ги намалуваат цените, додека за месните производи кои се увезуваат од странство допрва ќе се прават анализи.